Sunday, June 14, 2009

Gerascophobia

Почнав да се запрашувам зашто воопшто го имам блогов. Немам инспирација за пишување и само си дремам и си го гледам екранот со курсорот што трепка на бела позадина. Покорисен би бил како улична светилка. И така, додека ги пишувам овие неколку глупави реченици, кои би требале да послужат како вовед на една голема глупост, како откровение ми се појави една мисла која може да послужи како тема за мојот нов напис. Нема да измислам ништо ново, бидејќи живеам во период кој се одликува со феноменална архива и документација, па така скоро се е измислено и запишано некаде. Ќе пробам да дадам мое мислење на една тема која верувам дека, ако не сите, ги замислила 90% од луѓето што ќе го прочитаат ова.

Имено, дремењето пред монитор ме натера да се запрашам: Дали ова е начинот на кој сакам да го поминам мојот живот? Со седење пред монитор, дремење на столче, дома, во канцеларија, во читална, на Sony. Сурфање на нет, правење муабет со луѓе на интернет, правење муабет по телефон, гледање телевизија. Како најпоразителен факт го сметам тоа што дневно поминувам по 6 саати на Facebook. Се осеќам дека прераснувам во куќен/канцелариски/студентски паразит. Спиење по 8-10 саати, 2 саати расонување, филмови од торент пред спиење. Размислувам да најдам некоја позитивна работа во сето ова и сега треба некој да каже: А учење? Ретко учам, само по потреба. Но, најстрашно е дека дури и кога учам (читај: се трудам да правам нешто корисно), пак имам чувство дека затапувам. Пак сам сум си крив. Сам си го избрав факултетот, сега тоа е. Можам само да си плачам и да си се жалам дека учам глупости. Ама, не знаев дека ќе мора да учам најидиотски работи на цел свет, застарени предмети и да се справувам со хировите на некои професори. Нејсе, тоа ми е најмала мака во моментов. Имам уште година и пол на факултет, ќе го завршам најверојатно некогаш. Повеќе ме мачи шаблонскиот живот. Или да парафразирам, живот во Excel табела. Живот по функција, по формула. Стани, јади, седи пред монитор, гледај тв, иди во читална, иди во канцеларија, мејл од овој, мејл од оној, муабет со некој на Facebook, со некој на MSN. Ова не е тоа што го сакам...

Сакам да шетам. Сакам да идам во Лондон, Рио, Дубаи, Рим, Барселона, Истанбул. Сакам да спијам во шатор некаде на плажа. Сакам да ги гледам и изгрејсонцето и зајдисонцето, и двете се прекрасни. Сакам да шетам на планина, сакам да пливам во море. Сакам да патувам со брод. Сакам да патувам и со автостоп, предизвик ми е. Не верувам дека има такви злобни луѓе кои сакаат да наштетат на некој обичен патник. Сакам да лежам на некоја ливада и да размислувам. Сакам да имам време да разговарам со луѓето што ги сретнувам, наместо да ги одминувам како на fast forward. Сакам да пијам пиво со другарите, секое време и место е добро за тоа. Сакам да живеам со нив, плановите за цимери ги кроиме веќе одамна. Сакам да излегувам и да се забавувам. Сакам да слушам музика. Сакам да одам на концерти. Сакам да отидам некогаш на Old Trafford. Сакам да запознавам нови луѓе. Сакам да одам да волонтирам во Африка. Сакам да видам луѓе кои ги немам видено одамна, ако ги знаете оние на кои секогаш им викате: Наредната недела те барам за кафе. Аха, да. Сакам да се видам со другарите од средно, сакам да ги видам и другарите од основно. Сакам да играм фудбал и баскет. Сакам да гледам фудбал, со друштво и пиво. Сакам да читам весник наутро на клупа во парк. Сакам да играм табла и бељот со другарите, пак во парк. Сакам да пливам и сакам да се сончам. Сакам да пијам кафе на плоштад, ама не на овој нашиов. Некаде, во некој друг град. Сакам да бидам турист. Сакам да не гледам вести. Сакам да возам точак, ама на место каде што ќе нема коли. Сакам да идам во зоолошка, ама некоја со живи животни и тоа многу. Сакам да седам и да молчам на клупа, размислувајќи и гледајќи ја тревата додека расте. Сакам да шетам по дожд. Сакам да си пеам. Сакам да научам да лупам на тапани. Сакам да скокам. Сакам ама...

Не е баш се така едноставно. Немам магична ламба со дух. Немам милион долари во актовка. Немам ден од 36 саати. Немам месец од 69 дена. Ама затоа, имам испитна сесија, имам визен режим, имам состанок во 6, состанок во 7, состанок во 8. Имам гужва во град, луѓе што брзаат, луѓе што се зафатени. Имам колоквиумска недела, семинарска за на факултет, пак состанок во 4. Мејл на кој треба итно да се одговори, портокалови правоаголници кои трепкаат на мојот монитор. 3 friend requests, 1 group invitation, 2 cause invitations. Квизови на Facebook, квизови на телевизија, идиоти водители. Talk-show-а, зборови на кои неможам да им најдам превод, па морам да користам англиски термини. Имам мајка и татко кои морам да ги слушам по некоја случајност, имам информативни разговори, имам караници, имам задолженија, имам обврски. Имам премногу работи кои треба да ги направам, а немам доволно време. Ми се чини дека никогаш нема да имам доволно време за да направам се што сакам. Имам другари кои ги мрзи да излегуваат, имам другари кои ме викаат за излегување, ама мене ме мрзи тогаш. Имам чудни типови на врата во дискотека кои мислат дека Господ го фатиле за муда ако стојат на врата. Имам луѓе кои се буткаат во дискотека, незнам зашто. Имам нетрпеливи луѓе кои свират во колона, имам луѓе кои не те пуштаат да се престроиш во нивната лента. Имам политичари, новинари, споменици. Имам факултет кој треба да го завршам во догледно време, според татко ми. Имам работа која треба да ја најдам веднаш откако ќе го завршам факултетот. Ако идеме по истиов редослед, имам и фамилија која треба да ја створам веднаш после наоѓањето на работата. Имам кола и стан кои треба да ги купам, некогаш. Епа не сакам...

Кога ќе видиш, не се поклопуваат желбите и реалноста. Можеби некогаш ќе се остварат некои од моите желби, можеби не. Ќе видиме...
Hit Counters